Судиите Исамедин Лимани и Александар Камбовски нови членови на Судскиот совет

 

Врховниот судија Исамедин Лимани и судијата од битолското апелациско подрачје Александар Камбовски се нови членови на судскиот совет, откако денеска, на 6 јуни, судиите гласаа за избор на нови членови.

Како што соопштија од изборната комисија во судскиот совет, Лимани од редот на врховните судии добил 7 гласа, додека неговиот против кандидат судијката Цветанка Периќ, која иако се повлече сепак остана на избирачкото ливче, добила 2 гласа.

Вкупно две ливчиња за избор на член на советот од редот на врховните судии биле неважечки, а две воопшто не биле ниту искористени.

Од друга страна пак, од редот на судиите од битолското апелационо подрачје, над 40 судии бираа меѓу кандидатите Александар Камбовски, кој освои најмногу 28 гласа, потоа Татјана Сусулеска 10 гласа и судијката Александра Поп-Стефанија од основниот суд Охрид 3 гласа.

Од вкупно 43 судии со право на глас од битолското апелационо подрачје, своето право го оствариле 42, а едно ливче било неважечко.

06.06.2024 - 20:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега