Судење за Вања и Панче: Одбраната на Палевски бара дополнително вештачење на чаурата од убиството на Панче
Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за убиствата на Вања и Панче. Одбраната на обвинетиот Љупчо Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри.
Одбраната побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата.
-Во списите има вештачење на таа чаура од вешто лице кое утврдило дека се работи за чаура од оружје од калибар 9 милиметри и дека на неа се пронајдени траги од значење, односно траги кои можат да се споредат со базата на податоци од МВР во однос на тоа дали оваа чаура е испукана од оружје за кое се поседува дозвола за поседување и носење оружје, односно конкретно дали е од пиштолот на Боре Видевски. Бараме дополнение на вештачењето на чаурата. Вештото лице да изврши проверка на оваа чаура со базата на податоци на МВР, дали оваа чаура потекнува од оружје од базата на МВР, конкретно од пиштолот на Боре Видевски.
Судот одлучи да се произнесе по однос на ова барање на наредното рочиште.
Одбраната на Љупчо Палевски денеска не успеа да го изведе доказот од камерите на „Безбеден град“ што го најави на изминатото рочиште, а со кој сакаше да докаже дека Палевски ноќта 21 кон 22 ноември 2023 година бил во Скопје. Судот прифати да се прикаже снимката, но таа не беше презентирана. Адвокатите на Палевски побараа Јавното обвинителство да овозможи презентирање на видеозаписот, бидејќи не можеле да го отворат доказот.
Палевски денеска воедно побара изземање на претседателот на судечкиот совет, Ивица Стефановски, кој го води процесот за убиството на Вања и Панче.
- Пристрасност во оваа постапка го спречи судијата да биде објективен, меѓу другото без моја согласност се прочитаа во сосема погрешен контекст сите 54 вештачења и нормално судијата одби да добијам шанса да ги изведам истите вештачења затоа што се во моја корист. Основното јавно обвинителство не ги изложи тие докази како докази во моја корист. Туку сосема обратно ги изложи како докази против мене. И тоа е причината за барање изземање, до претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, барам изземање на претседателот на овој совет, судија Ивица Стефановски, појасни тој.
Тој се жалеше на оневозможување на фер и рамноправна одбрана.
- Затоа што ја злоупотребува својата позиција и дискрециони права, слободно толкува закон за кривична постапка и ми ги одзема правата да предложам докази што се во моја корист, рече Палевски.
Предлогот беше одбиен од страна на судот.
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска откако во Основниот кривичен суд - Скопје на минатото рочиште беа изведени докази на предлог на одбраната на обвинетиот Палевски. На следното рочиште, закажано за 12 март е предвидено да започне распитот на обвинетите.
На следните расправи закажани за 12, 17, 19, 24 и 26 март, како што информираше судијата Ивица Стефановски, ќе се прави распит на обвинетите со редослед - Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа