Во судницата во „Идризово“ денеска продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, со сведочење на Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски. Сведокот изнесе шокантни тврдења за работниот ангажман на неговиот син, посочувајќи дека тој бил поставен за управител на фирмата „МММ кафе“ без своја волја и без здравствено осигурување.
Според сведочењето, Александар прифатил да биде управител на барање на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко.
„Ме изненади и го прашав дали знае кои се одговорностите на управител, ми рече – не, тоа си го прават Деко и Михајло. Ми кажа дека Деко го замолил зашто ‘немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата’, па него го пријавил“, рече Карадаковски пред судот.
Таткото појасни дека неговиот син никогаш не работел во дискотеката „Пулс“, туку во кафулето „Класик“ во центарот на Кочани, а во дискотеката бил повикан само да помогне при градежни работи и реновирање непосредно пред трагедијата.
Одбраната на обвинетите реагираше на ваквото сведочење, барајќи од судот да не го прифати исказот со образложение дека е контрадикторен и дека поставувањето прашања за односот меѓу таткото и синот само ја одолговлекува постапката без да придонесе за расчистување на случајот.

