Студентските здруженија и ученичките организации денеска и утре организираат масовни собири и протестни маршеви во центарот на Атина, додека грчката полиција се подготвува за сите можни сценарија. Главните барања на младите се насочени против високите трошоци за студирање и зачувување на бесплатното образование.
Протестните активности започнуваат денеска во 18 часот со собир на студентските здруженија на плоштадот Синтагма, каде што е планиран нов протестен камп со шатори и концерт. Утре, среда, најавен е и 24-часовен национален штрајк во кој ќе учествува и синдикатот на наставниците во средните училишта (ОЛМЕ), со протестни собири во Атина, Солун и Патра.
Учениците и средношколците утре ќе излезат на улица по повикот од платформите поврзани со Комунистичката младина (КНЕ) и Комунистичката партија на Грција (ККЕ). Собирот е закажан за 12 часот на плоштадот Проплаја, од каде што ќе започне марш кон Синтагма под слоганот: „Од Грција до Франција, се бориме за јавно и бесплатно образование“.
Поради најавените собири, полицијата ги мобилизира сите достапни безбедносни капацитети, а фокусот е ставен на спречување евентуални инциденти.
„Со секое такво собирање, се подготвуваме дури и за најлошите сценарија, односно за можноста да се појават групи луѓе кои ќе се обидат да ги разбијат собирите и да предизвикаат проблеми за демонстрантите и полицијата“, изјави утрово портпаролката на грчката полиција Констанција Димоглиду, според грчките медиуми.
Таа нагласи дека полициските сили нема да дозволат да биде загрозена безбедноста на граѓаните и учесниците во протестите.
„Секогаш сме загрижени за можноста граѓаните и нивната физичка безбедност, како и безбедноста на нашите колеги, да бидат загрозени. Затоа полицијата ќе биде присутна“, додаде Димоглиду, истакнувајќи дека „можеби некои сакаат да имитираат ситуации како оние во Франција“.
За телевизијата СКАИ, Димоглиду дополнително појасни дека безбедносните служби имаат оперативен план за сите критични точки во градот.
„Постои план за секоја локација каде што би можеле да се појават проблеми“, додавајќи дека „нема причина да се грижиме за евентуалното пристигнување на демонстранти од странство“.


