По ладниот атмосферски фронт кој се спушти од северот на Европа кон Балканот, во Македонија следува нагло разладување со дожд и снег на планините. Метеорологот Славчо Попоски најавува дека веќе во текот на ноќта кон утрешното празнично утро, 1-ви мај, врнежите ќе престанат, но следуваат екстремно ниски температури.
Иако облачноста ќе се намали, во земјава ќе продолжи да дува засилен до силен северен ветер. На моменти, брзината на ветерот во Македонија ќе достигнува над 60 километри на час.
Според Попоски, метеоролошките карти покажуваат појава на мраз во најголем дел од Балканот. На високите планински места температурите утре наутро ќе се спуштат дури до околу -10 степени.
Мраз се очекува и во Македонија, особено на повисоките места.
„Особено повеќе мраз ќе имаме на повисоките населени места и на планините каде температурите очекувам да се спуштат до околу па дури и под -5 степени“, најавува Попоски.
Граѓаните кои планираат излети за Први мај треба да бидат подготвени за студено утро и силен ветер кој дополнително ќе го засили чувството на студ.


