Претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, вечерва од 20 часот ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар. Инспирација за делото претставува драмскиот опус на Франц Ксавер Крец.

Иако тематски се надоврзува на познатиот роман „1984“ на Џорџ Орвел, претставата е поставена во современ амбиент и ги отсликува предизвиците на денешното време – општествени конфликти, егзистенцијална неизвесност и постепено губење на хуманистичките вредности.

Сценската приказна е изградена од петнаесет меѓусебно поврзани сцени кои ги следат клучните моменти од животот на ликовите. Нивните судбини се испреплетени со стравови, осаменост, љубовни дилеми и внатрешни борби, а низ спојот на хумористични и драматични елементи се поставуваат прашања за човековата ранливост и стремежот кон опстанок.

Во актерската екипа се Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

За музичката поддршка на претставата се задолжени Зоран Станишиќ како корепетитор и пијанист, Стефан Котевски како музички координатор и виолинист, Никола Соколовски на кларинет и Милена Наумовска на кахон.

Exit mobile version