Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека се спречени терористички напади во три руски региони. Според соопштението, приведени се три лица под сомнение за планирање напади врз воен персонал, волонтерски организации и инфраструктурни објекти.
Оперативната акција на безбедносните сили резултирала со лишување од слобода на осомничените на три различни локации во Руската Федерација. Специјалните служби тврдат дека уапсените дејствувале по наредба на украинските разузнавачки агенции.
„Федералната служба за безбедност на Руската Федерација приведе тројца соучесници на украинските специјални служби во Република Адигеја, Тјуменската област и Краснодарската територија“, се вели во соопштението на ФСБ, објавено од Интерфакс .
Според руската разузнавачка агенција, уапсените лица имале за цел да извршат саботажни и терористички акти. На нивниот таргет биле припадници на руските вооружени сили и волонтерска организација која им обезбедува поддршка на учесниците во воените операции.
Покрај нападите врз луѓе, планот вклучувал и саботажа на критичната транспортна инфраструктура, како и на објектите за гориво и енергија во овие три региони.
При акцијата за нивно лишување од слобода, безбедносните сили откриле и разновиден арсенал на материјали. Запленети се импровизирана експлозивна направа направена од пластичен експлозив од странско производство, како и повеќе импровизирани запаливи направи.
Истражните органи во Русија веќе отворија соодветни предмети против тројцата приведени, а активностите на терен продолжуваат со цел целосно расчистување на случаите.


