Владата донесе одлука за намалување на цените на школскиот прибор за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало во пресрет на почетокот на новата учебна година, соопшти денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Според Стојаноски, мерката овозможува заштита на семејниот буџет и покрива голем дел од потребните материјали за учениците.
„Покрај намалувањето на цените на училишниот прибор, особено важно е што со новата владина одлука се обезбедува и транспарентност во однос на цените. Трговците се должни, покрај новата, намалена цена, јасно да ја прикажат и старата цена на производот, каде како базна ќе се зема цената која важела на 1 јуни 2026 година“, истакна тој.
Одлуката предвидува со намалени цени да се продаваат ранци, тетратки, моливи, пенкала, боици, фломастери, линијари и друг потребен прибор, а истата ќе важи до 30 септември 2026 година.
„Тоа значи дека граѓаните ќе можат јасно и транспарентно да видат колкава била цената претходно и колку изнесува намалувањето, така што на тој начин се обезбедува поголема сигурност за потрошувачите и се спречува можноста за манипулации со цените“, порача пратеникот Стојаноски.
На крајот од прес-конференцијата беше истакнато дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да носи мерки за конкретна поддршка на граѓаните и семејните буџети.


