Трудот, напорната работа и чесниот пристап вродуваат со плод. Македонија на чекор до потпишување историски трговски договор со стратешкиот партнер и најмоќната економија во Светот, Соединетите Американски Држави, изјави на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
По затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава помеѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, посочи Стојаноски.
„Оваа изјава претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД и со ова се прави значаен исчекор во економската соработка но и го трасира патот за сеопфатен договор за тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и 0%.
Суштината на овој дипломатски успех на македонската Влада е што, ќе се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи за дел од клучните индустрии и производи, цариснките тарифи ќе се намалат до нула.
Оваа Заедничка изјава на македонските компании им обезбедува конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари на светот“, истакна Стојаноски.
Стојаноски рече дека втората клучната придобивка е што со овој поволен економски договор во овие непредвидливи глобални времиња, се зачувани илјадници работни места, а истовремено се праќа регионален и меѓународен сигнал за политичката и економската стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон.
„Договорот ќе ги зајакне нашите трговски односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи нашето трансатлантско партнерство.
Ваквата билатерална соработка со најсилната светска економија, е многу вредна препорака за привлекување на нови инвестиции во Македонија.
Со овој документ, неоснованите тези и критики на СДС, дека македонската Влада е изолирана, дека нема никаков план, проценка, насока, паѓаат во вода.
Целта на Владата е јасна, повеќе извоз, повеќе инвестиции и повеќе добро платени работни места дома“, потенцираше Стојаноски.


