Стојаноски: Ќе бараме усогласување на колективните договори со новата минимална плата од 18.000 денари

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе го поддржи најавениот Закон за минимална плата. ВМРО – ДПМНЕ е партијата во чие време првпат се воведе овој концепт, но за разлика од сега, наместо да чекаме преговори меѓу засегнатите страни и до последен момент да не се знае колкава ќе е минималната плата, во минатото минималната плата се знаеше однапред најмалку една година, изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Тој истакна дека таквата политика доведувала до предвидливост кај стопанските субјекти на идните трошоци кои ќе ги имаат за вработените.

– Во оваа прилика би сакал да истакнам дека со новиот Закон за минимална плата и она што е договорено според тоа што го пренесоа медиумите, државата преку собраните даноци во 2022 година ќе даде над 50 милиони евра за субвенција на плати, додаде Стојаноски.

Претеникот истакна дека ВМРО – ДПМНЕ најавува амандманска интервенција на законот со цел да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места.

– Токму затоа како пратеничка група ќе бараме усогласување на Колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари. Очекуваме владејачкото мнозинство да излезе во пресрет на барањата и платите на културните работници, на наставници, на здравствените работници, но и на сите останати вработени во јавниот сектор да пораснат сразмерно со новата минимална плата, потенцираше Стојаноски.

09.02.2022 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега