Стоилковски извади списоци: „Паркинг не плаќале стотици функционери од Демократскиот сојуз, СДСМ и ДУИ“

Стотици автомобили на функционери од власта и членови на Демократскиот сојуз, на СДСМ, на ДУИ биле ослободени од плаќање паркинг во Скопје, изјави порпарлот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски кој денеска на прес-конференција објави списоци, кои како што рече, им биле доставени од укажувач.

„Возилата на листите се на имиња на Борче Јакимовски најчесто и на Владимир Кроневски, кој што се доскорешни директори на паркингот во Скопје, инаку членови на претседателството на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ. Возила има и на име на Славче Јовановски, актуелен советник во Град Скопје. Инаку, и тој дел од највисокото раководство на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.

До нив има имиња на други луѓе како и опис на автомобилите. Да речеме стои името, регистарска табличка и име на Мартин Попов, актуелен шеф на кабинет во владата на премиерот. Тука е и поранешниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тука, до името на Владимир Кроневски е и Душко Весковски, доскорешен директор на Водовод во Скопје и да не ги редам други“, рече Стоилковски.

Како што појасни, станува збор за најмалку 400 возила и според бројот на регистрициите, тоа е како цела една катна гаража да биде резервирана бесплатно за повластени лица.

Математиката според ценовникот на катните гаражи, рече Стоилковски, укажува дека за четири години повластените потрошиле или, всушност заштедиле над два милиони евра за паркирање низ Скопје. Толку чини годишна карта за 400 возила, за четири години во катните гаражи во главниот град.

22.01.2022 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега