Вонредна и засилена акција за прскање против комарци се спроведува вечерва на повеќе локации во Општина Гази Баба, а третманот ќе трае до раните утрински часови.
Како што информира градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, мерката се презема поради зголемениот број регистрирани случаи на западнонилска треска.
„Поради зголемениот број на регистрирани случаи на западнонилска треска, Општина Гази Баба, во координација со Центарот за јавно здравје, презема навремени и засилени превентивни мерки за заштита на здравјето на граѓаните“, наведува Стефковски.
Одделението за заштита и спасување, во соработка со Центарот за јавно здравје, спроведува дополнителна терестичка адултицидна дезинсекција, при што ќе бидат опфатени повеќе критични и приоритетни локации во општината.
Екипите ќе бидат на терен во текот на целата ноќ, со цел да се обезбеди што поголем опфат и поефикасно делување против комарците.
Градоначалникот порача дека нема простор за паника, но дека е потребно граѓаните да бидат внимателни и одговорни.
„Нема простор за паника, но има потреба од внимателност, одговорност и навремено дејствување. Надлежните служби ја следат состојбата и ги преземаат сите неопходни мерки за намалување на ризикот и заштита на населението“, порача Стефковски.


