Кристијано Роналдо и Георгина Родригез се венчаа по девет години врска. Се надеваме дека ќе живеат „среќно до крајот на животот“, но хипотетички, еве што би се случило доколку парот во одреден момент одлучи да се раздели.
Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо пред неколку дена се ожени со својата долгогодишна партнерка Георгина Родригез. Веста ја објавија со фотографија од венчалните прстени на Инстаграм, а на интимната свадба присуствувале и нивните пет деца.
Само што стапија во брак, странските медиуми веќе шпекулираат за едно прашање: што би се случило во случај на развод? Дали Георгина би наследила дел од богатството на Роналдо, кое тој го стекнувал во последните две децении преку фудбалот, реклами и инвестиции во недвижности?
Порталот „Men’s Journal“ анализирал што би се случило во случај на развод. Иако тоа не треба да ја засени нивната среќа и радоста поради бракот, историјата познава бројни разводи во кои финансиските последици станале подеднакво познати како и самите врски.
Доколку за нивниот брачен имот се применува португалското законодавство, Георгина не би имала автоматско право на половина од целото богатство на Роналдо.
Кристијано Роналдо најверојатно би го задржал најголемиот дел од богатството што го стекнал пред бракот со Георгина.
Според португалскиот систем на заеднички стекнат имот, она што Роналдо го поседувал пред венчавката главно останува негов личен имот.
Тоа може да ги вклучува парите заработени во текот на годините поминати во Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и во Саудиска Арабија, како и инвестициите направени пред бракот, недвижностите, подароците и наследствата што може да се поврзат со одделни средства.
Што се случува со богатството стекнато во бракот?
Парите што кој било од сопружниците ќе ги заработи за време на бракот, како и инвестициите и имотот купени со тие приходи, може да станат дел од заедничкиот имот.
Откако ќе се намалат долговите и ќе се исплатат соодветните обврски, сопружниците имаат еднаков удел во нето-заедничкиот имот.
Тоа значи дека ако Роналдо заработи стотици милиони за време на долг брак со Георгина, таа би можела да има право на значаен дел од богатството создадено во текот на брачните години.
Предбрачен договор
Со години португалските и шпанските медиуми објавуваат тврдења дека Роналдо и Георгина имаат приватен договор според кој Георгина би можела да добива доживотна месечна исплата од околу 115.500 долари (100.000 евра), како и вилата Ла Финча во Мадрид, која наводно вреди неколку милиони евра.
Овие информации ги објави португалското списание „TV GUIA“, но доколку таков договор навистина постои, нема јавно потврден оригинален документ со кој би се утврдиле неговите услови.
Дополнително, правилно потпишан и правно применлив предбрачен договор може значително да влијае врз начинот на поделба на имотот. Наместо да се применува законската поделба на имотот, договорот би можел да утврди што точно би добила Георгина.
Издршката на сопружникот според португалското право е одделно прашање. Таа генерално се заснова на потребите и се определува во исклучителни случаи, при што судовите ги земаат предвид факторите како должината на бракот, приходите на сопружниците, нивниот придонес и грижата за децата.
Приходите на Георгина од манекенството и работата како инфлуенсерка би можеле да влијаат врз нејзините шанси да добива голема доживотна издршка.
Кога станува збор за децата, ситуацијата е поинаква. Бидејќи издршката за децата е одделна од издршката за сопружникот, богатството на Роналдо би можело да значи и значителна финансиска поддршка за децата, без оглед на тоа како ќе се подели имотот меѓу сопружниците.
Постои уште еден, можеби и најзначаен фактор. Фактот што Роналдо се оженил со Георгина во Португалија не значи автоматски дека португалското право ќе се применува на целиот нивен имот.
Тие главно живеат во Саудиска Арабија, а имаат значајни врски и со Шпанија и Португалија.
Затоа, вообичаеното место на живеење, државјанството, евентуалниот договор за избор на право, како и локацијата на имотот, би можеле да влијаат врз судските одлуки и законите што на крајот би се применувале.
Во секој случај, се надеваме дека ништо од наведеното нема да биде потребно и дека Кристијано и Георгина ќе уживаат во своето „среќно до крајот на животот“.


