Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, најави реализација на повеќе од 60 нови проекти во текот на претстојното лето, кои според неговите проценки директно ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните во оваа локална самоуправа.
Процесот започнува во текот на следните неколку денови кога официјално се отвораат вратите за дечињата во новоизградената детска градинка „Кокиче“ во Трубарево. Во делот на предучилишното згрижување, најавени се и нови градинки во Инџиково, Сингелиќ, како и помеѓу населбите Маџари и Керамидница.
Во рамки на патната и подземната инфраструктура, планирана е изградба на фекална канализација во Идризово, Јурумлери, Гоце Делчев и Чукур Маало, како и чистење и уредување на каналите за одводнување во Стајковци и Сингелиќ. Градежните активности за патна мрежа ги опфаќаат улицата „519“ во Керамидница, „Пехчевска“ во Хиподром, дел од улицата „Жан Жорес“ од киното во Маџари до натпатникот кон Ченто, како и дополнителни дваесет улици и нови пешачки патеки во повеќе населени места.
Инвестициите во образованието вклучуваат изградба на нова училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, доградба на ООУ „Крум Тошев“ и градежно-занаетчиски работи во сите основни училишта во општината. За учениците се предвидени бесплатни училишни униформи, како и парична помош од 3.000 денари за секое запишано прваче.
Стефковски информираше дека се инвестира и во спортски објекти со изградба на нови спортски сали во Црешево и Железара, додека за подобро водоснабдување на граѓаните се планира изведба на нова бушотина во Раштак и нова филтер станица во населеното место Булачани.


