„Сте одгледале изрод и убиец“: Ќе ѝ се суди на жената која остави порака на гробот на родителите на Путин

Државното правобранителство во Санкт Петербург побарало тригодишна условна затворска казна за жената која оставила порака со „навредлива содржина“ на гробот на родителите на претседателот Владимир Путин, соопшти денеска здружението за човекови права ОВД-Инфо.

Во октомври беше отворена кривична истрага против Ирина Цинбанева (60), која во истиот месец покажа дека оставила белешка на градските гробишта. Рускиот портал Медиазона објави дека во пораката, мајката и таткото на Владимир Путин се споменуваат како „родители на лудак“ и се наведува дека „целиот свет се моли за неговата смрт“.

„Смрт за Путин, сте одгледале изрод и убиец“, се вели во пораката.

По апсењето, на Цинбанева привремено и е одреден домашен притвор. Окружниот суд Приморски, каде што се одржува судењето, не беше достапен за коментар ниту пак одговори на прашањето кога се очекува пресудата, според Ројтерс.

Цинбанева не негирала дека таа ја напишала пораката. Рекла дека пораката ја напишала откако ги гледала вестите и „сфатила дека се е многу страшно, се е тажно и има многу мртви“.

Здружението ОВД-Инфо објавува информации дека 19.673 лица се приведени поради протести против руската агресија врз Украина од нејзиното започнување на 24 февруари 2022 година, а против повеќе од 550 од нив е отворена кривична постапка.

10.05.2023 - 19:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега