Станка Трајкова: Имаме предлози за минимална пензија - ќе ги разгледаме заедно со МТСП

Сојузот на пензионери веќе работи на изготвување предлог за минимална пензија, вели претседателката на Сојузот, Станка Трајкова во интервју за Нова Македонија.

-По прашањето за минималната пензија, Сојузот работи уште пред протестите и за таа цел подготви предлози за најнискиот износ на пензија, а истите тие во најкраток рок ќе бидат разгледани заедно со Министерството за труд и социјална политика. Дадените предлози од страна на Сојузот се базираат на анализи и сметаме дека се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на државниот пензиски фонд, вели Трајкова.

Говорејќи за барањата на пензионерите кои во изминатиот период протестираат во градовите ширум државата, претседателката на Сојузот на пензионери вели дека во ниту еден пензиски систем не постои линеарно усогласување на пензиите.

-При подготвувањето на предлозите за минималната пензија се имаше предвид следното: најнискиот износ да се решава во рамките на пензискиот систем, а не со посебен закон, да се изврши рационализација на сегашните девет групи на најнизок износ што по својата висина се разликуваат, како параметар за определување на најнискиот износ да се користи просечната плата, да се имаат предвид принципите и постулатите на пензискиот систем и, најважно, предложениот износ да биде реален и остварлив. Во врска со линеарното усогласување се истакнува дека линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји. Меѓутоа, кога станува збор за корисниците со ниски пензии, многу се значајни мерките надвор од пензискиот систем. Имено, во изминатиот период Сојузот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и други државни органи презеде повеќе активности за подобрување на материјалната положба на пензионерите, и тоа: покрај пензијата беше доделувана и соодветна парична помош, беше субвенционирана електричната енергија, беа обезбедени пакети со прехранбени производи, имаше ослободување од плаќање партиципација за болничко лекување за корисници на пензија чии примања изнесуваат до 14.500 денари и друго, вели Трајкова.

Рече дека и во иднина Сојузот ќе продолжи да дава иницијативи, предлози и барања базирани на нивни анализи.

За ниските пензии во државата прстот го вперува кон самиот пензиски систем. Вели дека околу 85.000 пензионери имаат ниски пензии.

-Прво, постоењето на ниски пензии го генерира самиот пензиски систем и тоа поради следното: постоење на докуп на стаж, плаќање придонес со дисконт, ниска основица за земјоделски осигуреници, низок износ на паричен надоместок за време поминато како пријавен осигуреник од Агенцијата за вработување, фиктивно пријавување да се оствари пензиски стаж до 15 години или престанок на плаќање на придонесот по навршени 15 години, овозможување на осигуреникот плаќање придонес на најниска основица, а исплата на преостанатиот дел на плата на „црно“, бизнисмени, адвокати и други што свесно не го плаќале придонесот како што треба и др. Во сите претходни случаи придонесот се плаќал на најниска основица и пензијата е определувана од најниска плата и минимум на пензиски стаж од 15 години. Второ, за ниските пензии е одговорен и самиот осигуреник, бидејќи тој знаел дека со плаќање придонес на најниска основица и стаж од 15 години не може да очекува висок пензиски приход во третата доба, рече Трајкова.

14.08.2023 - 11:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега