ССМ: Уставниот суд е заштитник на работниците

Уставниот суд застана на страната на вистината и правдата и не ја прифати иницијативата на Стопанската комора, односно го потврди ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија и ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата. Оваа порака ја испраќаат од ССМ по донесената одлука на Уставниот суд, дека недела останува неработен ден. 

„На овој начин Уставниот суд ја враќа вербата на работниците и синдикатот како нивни претставник и застапник, во владеењето на законите и правда за сите во државата и покрај барањето и притисоците на одделени работодавачи кои водени од желбата за сопствен профит се обидоа да го намалат и елиминираат ова гарантирано право на работниците.

Уставниот суд како гарант на уставноста и законитоста во државата потврди дека Сојузот на синдикатите на Македонија е вистински заштитник на работничките права и дека работодавачите немаат моќ пред институциите доколку постапуваат без аргументи и без на закон засновани барања и решенија“, велат од ССМ.
 
„Работниците ќе ја искористат неработната недела за одмор и обнова на нивната работна сила во интерес на подобрување на нивната продуктивност од што бенефит ќе има целата држава .Во демократските држави каде претендира да биде вклучена и нашата држава, неработната недела е креативно време посветено на семејството , грижа за децата , но и време потребно за подигнување на културно , спортско и образовно ниво на работниците и граѓаните кои се најважниот ресурс на секоја држава.
Уште една битка е добиена , но ССМ продолжува понатаму ,наша правна водилка во обезбедувањето на работничките права се националните закони , меѓународните трудови стандарди и европски документи без кои не се можни евроинтеграциските процеси во државата“, се додава во нивното соопштение.

01.12.2022 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега