Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска во 9 часот започнува со блокада на пристапите до Собранието, поточно на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“. Со овој чекор, синдикатот го изразува револтот кон институциите кои, според нив, повеќе од една година го кочат зголемувањето на минималната плата и не ја прифаќаат иницијативата за намалување на функционерските плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека блокадата е порака до пратениците кои остануваат „глуви“ на нивните барања.
„Пратениците се уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност“, изјави Трендафилов.
Од друга страна, претседателот на Собранието, Африм Гаши, потврди дека законодавниот дом ќе продолжи со работа паралелно со протестот. Тој не очекува инциденти и најави дека нема да има дополнително обезбедување.
„Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме. Не верувам дека некој пратеник нема да дојде пеш“, рече Гаши, додавајќи дека секоја партија поединечно ќе го заземе својот став околу барањата за минимална плата од 600 евра.
Премиерот Христијан Мицкоски го повтори владиниот став дека зголемувањето ќе се случи согласно законот, но дека државата нема да ги финансира придонесите на работодавачите. Тој појасни дека доколку се договори поголем пораст меѓу работниците и работодавачите, ќе се појави проблем со буџетските средства за нивелација.
„За минималната плата нашиот став е јасен – да, ќе ги зголемиме минималните плати соодветно на законското решение. Но, тогаш во пресметката, во методологијата, усогласувањето со минималната плата ќе дојде премногу големо, зголемено за одреден процент, а тие пари во Буџетот ние ги немаме“, изјави Мицкоски.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, порача дека решение нема да се носи под притисок и дека во март ќе има законско нивелирање на платите од 1.500 до 2.000 денари, откако ќе пристигнат податоците од Државниот завод за статистика.


