Сојузот на синдикати денеска со блолада на пристапите кон Владата ќе бара зголемување на минималната плата, откако минатата недела беа блокирани Собранието и Стопанската комора. 

ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра.

Блокадата, како што појаснуваат од ССМ, е поради тоа што Владата и работодавачите не се договориле за зголемување на платите на работниците и затоа што минатата година Владата не го прифатила предлогот за субвенционирање на дел од придонесите. 

Со по 21 човек, колку што налага Законот за јавни собири, ќе бидат блокирани влезовите на Владата која денеска треба да одржи редовна седница.

– Последната блокада пред Владата е токму поради тоа што ги блокира работничките плати долг временски период за кој вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари или едно четиричлено семејство е посиромашно за 9.250 денари. Падна и последниот аргумент на владините претставници кои заедно со газдите го зборуваат континуирано овој период, а тоа е дека македонските работници не биле продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите кои ги примаат или само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста која ја создава работникот за работодавачот, изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Доколку не наидат на разбирање, следи и генерален штрајк, кој според информациите, ќе биде 24-часовен. 

Exit mobile version