Средба со економскиот тим на Амбасадата на САД: Народната банка придонесува за јакнење на отпорноста на банките

Пандемијата и периодот по неа донесоа бројни предизвици, но банкарскиот сектор ја задржа и дополнително ја зајакна стабилноста во работењето. Во согласност со најновите податоци, ликвидноста на банките е на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување и е највисока во последните шеснаесетина години, додека квалитетот на кредитното портфолио се задржа, со ниска стапка на нефункционални кредити.  Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите, Ана Митреска и Фадил Бајрами, со новиот шеф за економски прашања во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во земјава, Дејвид Мајерс, и Јордан Дамчевски, виш економист во Амбасадата.

Значаен придонес во ова имаше Народната банка преку успешно спроведување на регулативната рамка и носење политики и макропрудентни мерки со кои системски и постојано ја јакнеше отпорноста на банките. За натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем на ризиците, во период од една година, Народната банка трипати интервенира кај стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот. Исто така, донесе и други макопрудентни мерки за одржување на квалитетот на кредитокорисниците.

На средбата стана збор и за новиот Закон за решавање банки ‒ системско решение за натамошно јакнење на финансиската стабилност. Во согласност со законот, Народната банка ќе стане надлежен орган за решавање банки, а целта е да се обезбеди брзо и ефикасно делување, доколку некоја банка се соочи со сериозни проблеми, со задржување на нејзините функции коишто се сметаат за особено значајни за економијата и избегнување значително негативно влијание врз финансиската стабилност. Со предлог законското решение се спроведува новата европска директива за закрепнување и разрешување на проблемите со кредитните институции и инвестициските фирми, со што се потврдуваат постојаните напори за усогласување со највисоките меѓународни стандарди.

На крајот на средбата беше потврдена традиционалната добра соработка и од страна на присутните беше изразена заложба за нејзино продолжување и продлабочување.

31.07.2023 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега