Средба на Гаши со Тајани: Благодарност до Италија за поддршката за пристапувањето во ЕУ

 

Претседателот на Собранието Африм Гаши се сретна со потпретседателот на италијанската Влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, кој допатува во посета на Северна Македонија.

На средбата присуствуваа и пратеници од Собранието, членови на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Италија.

Претседателот Гаши се заблагодари за значајната поддршка од Италија во процесот за пристапување во Европската Унија. Тој нагласи дека двете држави неодамна одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и дека нашите релации се традиционално добри и пријателски, со активен политички дијалог и динамична секторска соработка.

Тајани изрази силна поддршка од Италија за полноправното членство на нашата земја, како и на другите држави од Западен Балкан, во Европската Унија, откако ќе се затворат сите поглавја. Тој рече оти очекува тој процес да заврши што е можно побрзо, нагласувајќи ја притоа важната улога на парламентите.

Вие како парламентарци, рече шефот на италијанската дипломатија, може да почнете многу иницијативи и да ја искористите својата позиција за вашиот глас да се слушне во другите национални парламенти и пред се во Европскиот парламент, каде што со посебна важност се третира прашањето на проширувањето, како и интеграцијата на земјите од регионот.

Гаши истакна дека Северна Македонија и регионот во целина географскии припаѓа на Европа и дека се надева оти многу брзо и политички ќе стане дел од Европската Унија. Притоа, претседателот на Собранието нагласи дека Северна Македонија, на патот кон остварувањето на своите стратешки цели, покажа голем капацитет за дијалог и за компромиси, што треба да биде пример за другите аспиранти за членство како се надминуваат отворените прашања и как се градат добри меѓусоседски односи.

10.09.2024 - 21:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега