Средба Гаши - Рокас: ЕУ ќе ја поддржи Македонија во евроинтеграцијата
Претседателот на Собранието Африм Гаши му посака добредојде во земјава на новоименуваниот евроамбасадор, Михаилис Рокас, изразувајќи уверување за заеднички придонес во понатамошниот процес за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.
На денешната средба во Собранието, претседателот Гаши и амбасадорот Рокас изразија очекување институциите на ЕУ, по изборите за Европскиот парламент што се одржаа во јуни годинава, да ја задржат позитивната нота во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан.
Соговорниците се осврнаа и на потребата од продолжување со реформите и исполнување на домашните задачи, со цел исполнување на критериумите за членство, посебно во клучните области.
Претседателот Гаши истакна дека Собранието е силно посветено на спроведување на реформите, особено во делот на усогласувањето со европското законодавство и јакнењето на надзорната улога. Тој изрази подготвеност и за зајакнување и внесување нова динамика во соработката и комуникацијата меѓу Собранието на РСМ и Европскиот парламент, притоа нагласувајќи ја важноста на „Жан Моне“ процесот од кој досега произлегоа два битни документи за законодавната власт во земјава – Етичкиот кодекс и новиот Деловник.
На средбата беа разменети мислења и за потребата од јакнење на политичкиот дијалог во земјава, со оглед на заедничката цел за евроинтеграција, како стратешка определба на земјата. Амбасадорот Рокас истакна дека неговата цел е да и помогне на земјава да направи видливи чекори во оваа фаза од процесот на интеграција во ЕУ.
Тој го истакна и значењето на Планот за раст за Западен Балкан, нагласувајќи дека тоа е можност за јакнење на капацитетите за членство во ЕУ на земјите од регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа