Средба Бесими-Руе: Капиталните инвестиции главен приоритет на Владата

Реализацијата на капиталните проекти се високо на агендата на Владата. Во моментов се работи на проекти за модернизација на патната инфраструктура, железничко поврзување со Бугарија и Албанија, изградба на комунална инфраструктура, заштита на животна средина, како и енергетика, која и заради енергетската криза, станува клучна. Активностите што се преземаат во однос на реализација на проектите, коишто се финансиски поддржани од Европската банка за обнова и развој, денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорката на Европската банка за обнова и развој  - ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа Шарлот Руе и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во РС Македонија, Анди Аранитаси.

„Владата е силно посветена на унапредување на условите за живот на граѓаните и бизнис опкружувањето. Капиталните инвестиции се еден од клучните приоритети во владината програма. Се менува структурата на расходи во Буџетот со акцент на капиталните инвестиции. Во последните две години буџетот е согласно златното правило, односно капиталните инвестиции се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит. Годинава се планирани 800 милиони евра за капитални инвестиции. Средствата ќе бидат наменети за интензивирање на реализација на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и во железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, рече минитерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој посочи на мерките што се преземаат за поефикасна и поефективна реализација на капиталните расходи, меѓу кои воспоставениот механизам КАПЕФ, воведувањето нова организациска единица за оценка на инвестициите во рамки на МФ – ПИМА, потоа нов Управен комитет на ниво на Влада којшто ќе го утврдува приоритетот на проектите за финансирање и слично.

На средбата министерот потенцира дека значајна и клучна е поддршката што Владата ја добива во реализација на овие проекти од меѓународните финансиски институции. При тоа напомена дека ЕБОР е финансиска институција  со портфолио од околу 900 милиони евра во тековни проекти во јавниот сектор, а досега има одобрено 171 проект во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра од кои 86 % се во јавниот сектор.

Меѓу приоритетните проекти, зад чија реализација стои Европската банка за обнова и развој, се железничкиот дел од Коридорот 8 кон Бугарија, патниот правец Крива Паланка -бугарска граница, патниот правец Кичево – Букојчани, автопатската делница Скопје- Блаце, граница со Косово, а Банката има изразено интерес и за вклучување во финансирањето на проектот за изградба на западниот дел од железничкиот Коридор 8, делницата Кичево-Струга. Значителна поддршка има и во реализацијата на проектот за изградба на Интерконекторот со Грција, изградбата на гасоводните делници Свети Николе – Велес и Гостивар-Кичево, проектот за управување со цврст отпад, како и учество во проектот за Пречистителна станица во Скопје, за што денеска се потпишува Договор од 70 милиони евра за ВБИФ грант од ЕУ, а учеството на ЕБОР во реализацијата на овој проект е во износ од 58 милиони евра.

На средбата беше истакнато дека воспоставената успешна соработка ќе продолжи и во иднина на проекти кои ќе имаат придонес во развојот на земјата и подобрување на условите за живот на граѓаните.

 

22.03.2023 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега