Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Габриел: Поддршка од ЕИБ за спроведување на стратегијата за „зазеленување“ на финансискиот систем
Европската инвестициска банка ги цени активностите коишто ги презема Народната банка во изминативе неколку години во сферата на зеленото финансирање и е подготвена да обезбеди поддршка за активностите планирани во периодот 2023 ‒ 2025 година. Со оглед на значајноста на ризиците коишто ги носат климатските промени во глобални рамки, вклучително и за финансиските системи, од 2020 година „зелената“ и одржлива економија стана една од стратегиските цели на Народната банка. Во 2021 година, Народната банка стана членка на Меѓународната мрежа на зелени финансии во која членуваат централни банки и финансиски регулатори, а во 2022 година за првпат беше спроведена и анкета за оцена на свесноста за овие ризици и начинот на управување со нив од страна на банкарскиот систем. Народната банка е во завршна фаза на изготвување на тригодишната Стратегија за поттикнување на зелените финансии.
На средбата, гувернерката посочи дека Стратегијата на Народната банка за поттикнување на зелените финансии ќе засега повеќе сегменти, меѓу кои се финансиската стабилност, банкарската регулатива и супервизија, монетарната политика, истражувањето, финансиските пазари и понатамошниот развој на организациската култура и капацитетите во Народната банка. Некои од позначајните активности во рамките на Стратегијата се подготовката на насоките за работењето на банките во доменот на управувањето со климатските ризици, како и стрес-тестирањата за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени.
Претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел, позитивно ги оцени досегашните активности на Народната банка и изрази подготвеност да го поддржи спроведувањето на Стратегијата преку програмата на ЕИБ „Зазеленување на финансиските системи“. Поддршката ќе биде насочена кон јакнење на капацитетите за оцена на влијанието на климатските ризици врз стабилноста на банкарскиот систем, мерки за заштита, развивање политики, регулативна рамка и соодветни инструменти за справување со ризиците. Подетално за формите и начинот на поддршка помеѓу ЕИБ и вработените од Народната банка кои работат во оваа област беше разговарано на работилницата организирана во Народната банка.
Досегашните заложби на Народната банка за раст на зеленото финансирање вродија со значителен напредок. Имено, од почетокот на прибирањето на податоците за зелени кредити во земјава (крајот на 2019 година), заклучно со првиот квартал од годинава, се забележува удвојување на вкупната сума на издадените зелени кредити. Во овој период, „зелените кредити“, или кредитите за финансирање обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, пораснаа и сега изнесуваат 3,7% од вкупните кредити. Народната банка преку низа мерки го поддржува зеленото финансирање, вклучително и преку измените во инструментот за задолжителна резерва.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа