Со 78 загинати на милион жители, Србија ја предводи Европа по бројот на жртви во сообраќајни несреќи, а само од почетокот на годината 390 лица го загубиле животот на патиштата, соопшти српското здружение „Безбедни патеки“.
По повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи, што се одбележува секоја трета недела од ноември, здружението наведува дека повеќе од 15.000 лица биле повредени во несреќи низ целата земја.
„Најчести причини за трагедиите се несоодветна брзина, возење под дејство на алкохол, некористење безбедносни појаси и недоволна заштита на децата, пешаците, лицата со попреченост и велосипедистите. Сообраќајните несреќи не се случајност, туку резултат на системски неуспеси и неодговорност на институциите. Србија има стратегии и акциони планови, но не и нивно доследно спроведување“, предупредува здружението.

