Српскиот министер за образование, Дејан Вук Станковиќ, најави дека сериозно се разгледува можноста за скратување на училишните часови од 45 на 30 минути. Како главна причина за ваквиот предлог се наведува феноменот на „дифузно внимание“ кај учениците, предизвикан од прекумерната употреба на новите технологии.

Министерот објасни дека денешните генерации тешко го задржуваат фокусот на една содржина подолг временски период.

„Во овој момент размислуваме за оваа идеја, да бидеме што е можно попрецизни, отворено и гласно. Мислам дека постои некаков вид психолошко оправдување. Тоа е дека токму под влијание на овие нови технологии имате феномен на дифузно внимание. Не можете да бидете фокусирани на една тема, туку едноставно многу лесно да преминете од една содржина на друга“, истакна Станковиќ.

Тој додаде дека 45 минути се предизвик за концентрацијата дури и за возрасните, а кај децата тој ефект е уште поизразен. Сепак, реализацијата на оваа идеја би значела и голема административна реорганизација.

„После тоа доаѓа практичниот дел, кој вклучува институционална реорганизација на распоредот на часовите, распределба на наставен кадар, а можеби и вработување нови луѓе, бидејќи ќе има повеќе часови. Има многу средни чекори додека не се реализира, но во секој случај, може да започнеме со пилот-програма“, рече министерот.

Паралелно со оваа мерка, Србија разгледува и ограничување на употребата на мобилни телефони во училиштата, мерка за која, според анкетите, ниту самите ученици не се целосно против.

Exit mobile version