Вистинска драма се одвивала синоќа на улицата „Љубен Весов“ во стариот дел на Велес, во близина на спомен-куќата на Кочо Рацин. Околу 22:25 часот, избил голем пожар кој брзо се проширил од едно на друго патничко возило, зафаќајќи и електрична бандера.
Благодарение на брзата и пожртвувана интервенција на велешките пожарникари, спречена е поголема катастрофа. Пожарот се случил во дел од градот со тесни, стрмни сокаци и збиени куќи, каде постоела огромна опасност огнената стихија за неколку минути да се прошири врз домовите на граѓаните.
Од ТППЕ Велес информираат дека на терен излегле со две возила и шест пожарникари, кои и покрај тешкиот пристап и паркираните автомобили, успеале навреме да го локализираат и изгаснат огнот.

