Државен завод за ревизија при ревизија на Министерство за односи меѓу заедниците за 2024 година утврдил сериозни неправилности во финансиското работење и усогласеноста со законите. Ревизорите констатирале дека не е спроведен целосен попис на средствата и обврските со состојба на 31 декември 2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не биле пронајдени. Меѓу нив се и 30 преносни компјутери, поради невоспоставена пракса за задолжување на вработените со реверси. За седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција, а за побарувања од вработени во износ од 2.102 илјади денари кои потекнуваат од периодот 2012–2020 година, Министерството не располага со документација кој должи и во кој износ.

Во однос на програмата за финансирање на здруженија и фондации за 2023 година, на 33 организации им биле исплатени 19.800.000 денари, односно 320.900 евра. Програмата била донесена со задоцнување во октомври 2023 година, а не биле обезбедени докази за извршеното бодирање на 138 поднесени апликации. Дел од документацијата била доставена на албански јазик без превод на македонски, што не е во согласност со законските одредби. Според извештајот, 17 здруженија, односно 51 процент од корисниците на средства, треба да вратат 1.225 илјади денари поради недоставени докази за трошење, при што дел од средствата веќе се вратени, за дел се води медијација, а за едно здружение е поведена судска постапка.

За исплата на плати и надоместоци за 244 вработени биле исплатени 165.010 илјади денари, при што за 150 вработени, односно 61 процент, исплатата се вршела без да се обезбеди доказ за присуство на работа и полно работно време, и покрај тоа што постои електронска евиденција. Од предвидените 2.556 работни места во Министерството, пополнети се 244, односно околу 10 проценти, што според ревизорите влијае на реалното согледување на потребните капацитети.

Во делот на јавните набавки, исплатени се 516 илјади денари за нафтени деривати без контрола на регистарските таблички, што овозможило точење гориво и во возила кои не се во сопственост на Министерството. Дополнително, во две постапки не било побарано објаснување за невообичаено ниски понудени цени, а биле фактурирани и повисоки износи од прифатените понуди без соодветна документација. За договор во вредност од 11.800.000 денари за услуги од авторска агенција не биле побарани лиценци како доказ за исполнување на условите. ДЗР изразил неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива.

Exit mobile version