Спортскиот директор на фудбалската репрезентација си поднесе оставка: ФФМ е приватизирана
Спортскиот директор на македонската фудбалска репрезентација, Дени Масев се повлече од својата функција.
Масев беше спортски директор од јуни 2018 година, а од репрезентацијата се повлекол поради, како што вели, личниот однос со претседателот на ФФМ Муамед Сејдини и потпретседателот, Лазар Ракиџиев.
Тој обвинува дека Фудбалската федерација на Македонија во овој момент е приватизирана од страна на Сејдини и Ракиџиев и дека во федерацијата нема интерес за развој на македонскиот фудбал.
„Јас како човек кој беше директен сведок и на најголемиот успех на репрезентацијата имам право да го кажам својот став. Жал ми е за тимот и фудбалерите, но едноставно понекогаш треба да се зборува отворено, па макар тоа да предизвика и негативна реакција. Тврдам дека веќе подолг период Федерацијата е буквално приватизирана. Интерсот е присутен само за првите двајца луѓе, претседателот Сејдини и неговиот заменик Ракиџиев. Во Управниот одбор има чесни луѓе, но, за жал, не се запознаени со работите кои носат интерес само за Сејдини и Ракиџиев. За Сејдини и оваа Ќуќа на фудбалот, јас лично се заложив на секој можен начин“ обвинува Масев.
Тој вели дека повеќе детали за тоа што се случува во федерацијата ќе објави по престојните натпревари против Летонија и Ерменија во Лигата на Нациите.
„Во периодот кој следува еднаш засекогаш треба да се расчисти со милионските суми кои се трошат на сè само не за доброто на фудбалот. Од фамозните трансакции до хотелот ‘Куќа на уметноста’, па сè до т.н. инфраструктурни ‘проекти’ во Велес и Македонија и до вработувањата во Федерацијата“, стои во неговата реакција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа