СПМ: Вонинституционалното дејствување на ДУИ е спротивно на демократијата

Социјалистичката партија на Македонија ги оценува иницијативте на ДУИ за ангажирање странски експерт што би понудил платформа за промени на државата како антидржавна политика спротивна на Уставот и Рамковниот договор.

„ДУИ со СДС направија непростивни предавства и злодела кон Македонската држава и народ и затоа беа казнети на изборите. Тие не сакаат да ја прифатат вољата на народот да бидат опозиција и се обидуваат со пазарење за етнички поделби и територијален раздор да извлечат некаква корист.

Социјалистичката партија на Македонија укажува дека ваквите приватни иницијативи на ДУИ се веќе видена работа и не треба да се толкуваат поинаку освен како прикривање на криминалните активности на кои се потврдени во досегашното владеење и за кои мора да одговараат“, реагираат од СПМ.

Велат дека вонинституционалното дејствување на ДУИ е спротивно на демократијата и интересот на граѓаните кои се згрозени од рекетарскиот и криминален настап за етнички поделби и конфликти.

„Социјалистичката партија на Македонија оценува дека ДУИ ако не е во власта се обидува да ја сруши унитарноста на државата по етнички и територијален принцип спротивно на Уставот што е криминално однесување. ДУИ не го интересираат ни албанците ни македонците туку само интересите на криминалната партиска врхушка.

Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според Уставот, законите и меѓународното право и да не дозволуваат замешателства и креирање на кризи во државата од било кого“, стои во соопштението на СПМ испратено до медиумите. 

22.07.2024 - 09:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега