Спасовски: Спроведувањето на Јанкуловска е по наредба на судијата за извршување санкции, имавме многу сознанија и презедовме оперативни мерки

Постапката за спроведување на Гордана Јанкуловска, во КПУ-Идризово беше врз основа на наредба на судијата за извршување на санкции, врз основа на пресудата донесена од Врховниот суд, информира вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на ТВ 24.

Тој потенцира дека наредбата издадена од судијата за извршување санкции гласела веднаш да се приведе лицето кое треба да издржува казна затвор и врз основа на таа наредба, нагласи, така е постапено.

– Од човечки аспект е оставен одреден простор, значи не е веднаш после врачувањето на актот, од некаде половина час за да се подготви и да се постапи по наредбата, така беше наредбата од Судот и така се постапи, посочи Спасовски.

Појасни дека се активирал практично упатниот акт што бил издаден претходно, а на кој сите рокови за правните лекови се изминати, поведени се постапки, водени постапки во однос на тој дел, се произнесе и Врховниот суд на РС Македонија и вчера се добила само наредбата за спроведување.

Со оглед на тоа што домот на Јанкуловска се наоѓа веднаш до МВР, Спасовски информира дека имале сили за набљудување се со цел, подвлече, да не дојдеме до една друга ситуација за да се напушти живеалиштето, односно територијата на градот Скопје, бидејќи по друг предмет има таква мерка на обезбедување.

– Имавме наредби врз основа на Закон коишто постапуваат полициските службеници. По другите случаи за коишто се водат има конкретни мерки издадено. Таа е конкретна мерка којашто е издадена за ненапуштање на живеалиштето. Врз основа на Законот за кривична постапка и врз основа на Законот за полиција го држевме набљудувањето. Имавме набљудување коешто го вршиме врз основа на Закон за полиција, меѓутоа напоменав дека за другите случаи постои мерка од судот изречена којашто значи забрана за напуштање на територијата на град Скопје, образложи министерот за внатрешни работи.

Следењето, истакна Спасовски, исклучиво треба да се прави врз основа на Закон и врз одлука на суд.

Според него, законот треба да се спроведува за сите, потенцира дека, нема тука ниско или високопрофилни, законот мора за сите да важи подеднакво, сите постапки да бидат транспарентни, да бидат неселективни.

Спасовски наведе дека набљудувањето се врши секогаш по процена на полиција врз основа на Законот за полиција по издадена наредба.

–Имавме многу сознанија и на основа на тие сознанија презедовме оперативни мерки. Разни сознанија коишто беа поврзани со целиот тој случај и тие сознанија се дел од документацијата и на основа на тоа беа издадени соодветни наредби. На основа на сознанијата се направи процена од страна на полициските службеници, на службите коишто работат на тоа беа издадени наредби и практично се спроведуваат тие наредби, нагласи министерот за внатрешни работи.

Гордана Јанкуловска, вчера беше спроведена во КПУ-Идризово, осудена со четири години затвор во случајот „Тенк“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.09.2020 - 19:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега