Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен функционер на СДСМ, Оливер Спасовски, упати остри критики до економските политики на извршната власт, реагирајќи на најновите финансиски одлуки.

Спасовски преку социјалните мрежи го отвори прашањето за оправданоста на новите кредитни изложувања на државата во услови кога се најавуваат високи економски резултати.

„Владата вели дека сме „трета економија во Европа“, а истовремено се задолжува со нови 260 милиони евра. Дополнително, заменик-министерот за финансии јавно призна дека со задолжувањата се обезбедуваат пари и за плати.“

Тој ја оспори владината реторика за стабилноста на домашниот пазар, посочувајќи на секојдневните трошоци со кои се соочуваат граѓаните.

„Ако економијата е толку силна како што тврдат, тогаш зошто државата се задолжува за тековно функционирање? Граѓаните гледаат што се случува: цените растат, животот е сѐ поскап, економијата стагнира, а долгот постојано се зголемува.“

На крајот од своето обраќање, опозицискиот функционер предупреди на долгорочните последици од задолжувањето, обвинувајќи ја власта за водење на нереална пропаганда.

„260 милиони евра нов долг значи нов товар што ќе го плаќаат граѓаните и идните генерации. Наместо реален развој и економски резултати, добиваме ПР, пропаганда и нови кредити.“

Exit mobile version