Основниот суд во Штип изрече затворска казна од пет години и шест месеци за лицето П.С. од Охрид, кој во текот на јануари годинава успеал да измами осум повозрасни граѓани од источниот регион. Обвинетиот ги користел веќе познатите телефонски измами со лажни приказни за сообраќајни несреќи.

Претседателот на Кривичниот совет и портпарол на штипскиот суд, судијата Сашко Георгиев, ја објави денешната пресуда за продолженото кривично дело измама.

Георгиев преку писмено соопштение прецизно го објасни начинот на кој оперирал измаменикот во текот на првиот месец од оваа година.

„На начин што телефонски се јавувал на лица од постара возраст и им прикажувал лажни факти за штетата на својот имот, доведувајќи ги во заблуда и кажувајќи им дека нивната ќерка има скршеница на нога и оти е потребна итна операција и за тоа се потребни пари. Штетата за сите осум оштетени изнесува 3.472 906 денари или околу 56.000 евра, соопшти Георгиев.“

Судскиот совет донесе одлука дека осуденото лице нема да се брани од слобода додека пресудата не стане конечна.

Судот одлучи и притворот за лицето П.С. од Охрид да биде продолжен се до правосилноста на пресудата.

Exit mobile version