Грчката крајбрежна стража спаси 41-годишна државјанка на Бугарија која западнала во проблеми во морето кај Халкидики додека возела даска за веслање (SUP), но по акцијата ѝ изрече административна казна поради непочитување на безбедносните прописи.
Инцидентот се случил вчера наутро во близина на Уранополис, кога жената влегла во морето со даската, но поради ненадејното влошување на времето не успеала самостојно да се врати.
По добиениот сигнал за помош, веднаш била покрената спасувачка операција во која учествувале офицер од крајбрежната стража, оператори на водни атракции, водно такси и уште две пловила кои се наоѓале во непосредна близина.
Бугарската државјанка била пронајдена кај плажата Архондаркија и со помош на еден од бродовите била безбедно извлечена на копно. Од грчката крајбрежна стража потврдија дека таа е во добра здравствена состојба.
Меѓутоа, по завршувањето на спасувањето, надлежните утврдиле прекршување на законските правила за безбедност на море и ѝ изрекле соодветна санцкија.
Според грчките закони, користењето даска за веслање е дозволено само за едно лице со задолжителен елек за спасување, во зона до 500 метри од брегот или во обележан простор. Глобите за неносење елек изнесуваат 250 евра, за излегување надвор од дозволената зона се движат од 50 до 200 евра, а секое возење пред изгрејсонце и по зајдисонце е строго забрането.


