Повисокото јавно обвинителство го врши надзорот над законитото постапување на јавните обвинители, а Советот на јавни обвинители во оваа фаза нема надлежност за тоа, соопшти Советот на јавните обвинители на РСМ. Ова следува по јавната прозивка од министерот за правда Игор Филков, кој побара итна седница за разгледување на постапувањето на јавните обвинители во случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Советот на ЈО наведува дека, согласно член 28 од Законот за јавното обвинителство, надзорот го врши повисокото јавно обвинителство. Во соопштението се истакнува дека Советот во оваа фаза нема надлежност да врши надзор над законитото постапување на обвинителите.

Министерот за правда Филков претходно ги повика сите одговорни за одредувањето на мерката куќен притвор за поранешниот вицепремиер Груби, нагласувајќи дека одговорноста треба да биде јасно утврдена. Тој побара од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и обвинителот. Филков побара појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на Обвинителството Анел Фидоски и судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски.

На почетокот на неделата, поранешниот вицепремиер Артан Груби, сомничен за криминал од осум милиони евра поврзан со нарачка на ВЛТ-апарати во „Државната лотарија“, беше уапсен на граничниот премин Блаце. По апсењето, тој доби 30-дневен куќен притвор со 24-часовен надзор, по одлука на судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.

Exit mobile version