Стари, недоволени по број и неисправни. Состојбата со автобусите на ЈСП е аларматно загрижувачка, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Претпријатието располага со 341 автобус, но иако 185 се технички исправни, на улиците секојдневно сообраќаат само 157. Во 2015 година граѓаните имале на располагање 316 автобуси дневно, а денес таа бројка е за околу 40 проценти помала.
Истражувањето покажува и драстичен пад на корисниците на јавен превоз.
„Оваа бројка е најфрапантна 30 милиони патници помалку се превезуваат. Во исто време, бројот на исправни автобуси што дневно се ставаат во употреба исто така е намален. И денеска имаме само 157 такви автобуси, а пред 10 години имало повеќе од 300. Значи повеќе од половина е намален и бројот на автобуси што се користат во главниот град“, изјави Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.
Дополнителен проблем е што автобусите се стари. Во просек, секој е користен над 13 години. Само 10% од автобусите имаат највисок еколошки стандард, останатите не го исполнуваат овој услов.
-80% од овие автобуси се оние кинески и украински, купени одамна. Имаме исто така десеттина автобуси 33 години што се стари. Така што, тоа се рефлектира и врз тие еколошки стандарди. Само малку имаме кои се оценети еколошки 6, другите се со стандарди 4 и 5. Тие со 4 и 5 повеќе загадуваат, тоа се автобусите со нафта. Оние со шест се автобуси што користат природен гас, додава Филков.
Ги прашавме граѓаните, има ли доволно автобуси во метрополата.
Последно, градоначалникот на Град Скопје најави дека е отпочнат процес за набавка на 130 автобуси. 100 Владата ќе набави со парите со кои државата се задолжи кај Унгарија, а останатите 30 преку БРТ. Ѓорѓиевски очекува најголемиот дел автобусите да пристигнат до крајот на годината.
Истражувањето на ЦГК е спроведено врз основа на податоците преземени од годишните извештаи на Јавното сообраќајно претпријатие, како и од податоците добиени од претпријатието врз основа на слободен пристап до информации од јавен карактер.


