Џил Бајден отворено проговори за тоа како таа и нејзиниот сопруг Џо се соочуваат со неговата тешка дијагноза, поставена минатата година. Поранешната прва дама на САД ги откри своите најдлабоки стравови, но и начинот на кој семејството успева да го задржи позитивниот дух, пренесува People.
За време на гостувањето во подкастот на Џејми Керн Лима, 75-годишната Џил опиша како се справува со веста дека ракот на простата кај поранешниот претседател метастазирал на коските. И покрај тешката реалност, таа истакнува дека свесно се труди да ги оттурне мрачните мисли.
„Секако дека сум исплашена. Тој е речиси цела деценија постар од мене, а кога се соочуваш со ваква болест, едноставно не смееш да дозволиш мислите да те однесат во таа насока“, изјави таа. „Тешко е да си го замислиш животот без саканата личност, но си свесен дека еден ден сите си заминуваме. Дел од борбата е токму во тоа — да ја прифатиш реалноста.“
Според нејзините зборови, поранешниот претседател останал исклучително силен и присебен по соопштувањето на дијагнозата.
„Тој не зборува за своите стравови, а јас и не очекувам да го прави тоа. Џо отсекогаш бил столбот на нашето семејство“, додаде таа.
Џил објасни дека наместо да се фокусираат на болеста, двајцата одлучиле целосно да го вреднуваат времето што го поминуваат заедно:
„Нашиот пристап е едноставен: реалноста е таа, но ајде максимално да го искористиме секој миг. Да бидеме заедно и да правиме работи што нè прават среќни. Сакаме ова да биде позитивно поглавје, бидејќи ако секојдневно живееш во страв и негативност, станува неподносливо тешко.“
Официјалната канцеларија на поранешниот претседател претходно објави дека на Џо Бајден му е дијагностициран агресивен, напреднат стадиум на рак на простата, со метастази на коските.
Во претходно интервју за емисијата „Тудеј“, Џил посочи дека тој добро се справува со терапијата, иако проширувањето на болеста целосно ја променило нивната секојдневна рутина.
„Свесни сме дека Џо ќе живее со ракот до крајот на својот живот“, заклучи поранешната прва дама.


