Попладнево главниот град е целосно заглавен во сообраќаен колапс. Според сообраќајната мапа, речиси сите клучни улици и булевари се обележани со црвена боја, што укажува на долги застои и метеж.

Дождот кој без прекин паѓа веќе 24 часа дополнително ја отежнува ситуацијата, но не ги спречи жителите на Аеродром да продолжат со блокадите на мостот „Близнаци“. Тие и денеска го искажаа својот револт поради честото палење на дивата депонија „Вардариште“.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ велат дека протестите траат веќе еден месец и најавуваат порадикални блокади доколку институциите не ги прифатат нивните барања – затворање на депонијата, постојан 24-часовен надзор и оградување на просторот.

Најкритично е на потегот од Центар кон Автокоманда преку „Ист Гејт“ и Аеродром, каде застојот е најголем. Граѓаните се предупредуваат да го избегнуваат овој дел од градот и да користат алтернативни правци.

Сведоштвата на возачите го потврдуваат хаосот:

– „Од полициска станица Беко до Тутунски комбинат, цели 45 минути.“

– „Од мостот кај ‘Бриколаж’ до пожарната во Автокоманда – 45 минути.“

– „Ист Геј, стоиме во место цели 30 минути.“

На социјалните мрежи пак, револтот расте. „Да не си во сообраќај во Скопје моментално – дрски и безобразни све,“ коментираат твитерџиите, прашувајќи се дали буквално цело Скопје е блокирано.

Leave A Reply

Exit mobile version