Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) отвори истрага против повеќе од 40 авто-школи низ целата држава поради сомневање за картелско здружување при формирањето на цените.
При извршениот увид, антимонополското тело пронашло индиции кои упатуваат на „усогласено однесување“, што претставува потенцијално прекршување на членот 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
„При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на авто школите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи“, се наведува во соопштението.
Од Комисијата најавија дека ќе продолжат со интензивно прибирање докази и детално утврдување на фактите. Доколку се потврди постоењето на забранет договор, ќе бидат преземени законски мерки против инволвираните субјекти.

