Во Собранието денеска седници ќе одржат вкупно седум работни тела, кои ќе расправаат за низа предлог-закони и амандмани во прво и второ читање.

Свои седници ќе одржат комисиите за економски прашања, за финансирање и буџет, за здравство, за политички систем, за транспорт и дигитална трансформација, како и Законодавно-правната комисија.

На дневниот ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се предлог-законите за изменување на Законот за упатување работници во други држави за градежни работи и сезонски работи, како и законите за обновливи извори на енергија и за возила, сите во второ читање.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе расправаат за амандман на Предлог-законот за изменување на Законот за Царинската тарифа по скратена постапка, како и за Законот за ревизија и Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2025 година.

Пред членовите на Комисијата за здравство е разгледување на амандмани за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој се наоѓа во второ читање.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе спроведе амандманска расправа за Предлог-законот за парнична постапка, а ќе ги разгледа и предлог-законите за високи раководители во второ читање и за соодветна и правична застапеност во прво читање.

На дневниот ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е разгледување на еден амандман за Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во второ читање.

Истовремено, Законодавно-правната комисија на денешната седница треба да разгледа вкупно 11 точки од дневниот ред, од кои на пет е предвидена амандманска расправа.

Exit mobile version