Во Собранието денеска ќе се одржат седници на Комитетот за односи меѓу заедниците, како и на комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за прашања на изборите и именувањата и за финансирање и буџет.
Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се најдат Предлог-законот за високи раководители и Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, двата во прво читање.
Комитетот за односи меѓу заедниците ќе одлучува за спроведувањето на постапката на гласање при донесувањето на Предлог-законот за соодветна и правична застапеност.
За денеска се закажани и две седници на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. На првата ќе се одржи јавна расправа за утврдување предлог-листа од пријавените кандидати по јавниот оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На втората седница, Комисијата треба да разгледа предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за следење на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Дополнително, ќе се расправа и за предлог-одлука за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“, како и за предлог-листата за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата за финансирање и буџет, пак, ќе го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, во прво читање.


