Собранието денеска треба да ја одржи 94-тата седница, на чиј дневен ред се останати уште три точки: избор на член на Судскиот совет, измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и измени на Законот за стратешките инфраструктурни проекти, сите по скратена постапка.
Собраниската Комисија за избори и именувања утврди предлог-листа со двајца кандидати за член на Судскиот совет – Сејфула Османи, доктор на правни науки од Врапчиште, и Арбер Исаку, дипломиран правник од Тетово.
Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се предвидува усогласување и зголемување на пензиите согласно владините политики.
Во однос на измените поврзани со инфраструктурните коридори 8 и 10-д, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски појасни дека станува збор за техничка измена на еден член, со која ЈПДП ќе биде дополнително вклучено како носител и инвеститор во проектот, имајќи ги предвид неговите финансиски капацитети.


