Собранието одлучи: До март следната година по 2.400 денари месечно за секој студент
Собранието денеска во рамки на продолжението на 91. седница со 58 гласа „за“ и со 21 „воздржан“, го донесе Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, што се носеше по скратена постапка. Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно. За измените пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари.
Предлагачи на Законот се пратениците Даниела Колева, Даниела Николова, Драгица Ѓавочанова, Емилија Рамбабова, Жаклина Лазаревска, Зекир Рамчиловиќ, Лидија Тасевска, Љатифе Шиковска, Марија Костадинова, Марија Кочовска, Моника Зајкова, Мухамет Кадриов и Санела Шкријељ.
Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој закон студентите ќе земат 120 денари до март 2023, оценувајќи дека со разговорите на владините претставници и студентите што ги претставуваа своите колеги, е постигнат договор „да се купат пет или шест месеци“. Стојановски истакна дека меѓу студентите што преговарале биле студенти „што не излегле од штабовите на СДСМ и на ДУИ“. Според него, Владата требала да одвои 200.000 евра годишно повеќе за тие околу 40.000 студенти да земаат уште 40 денари повеќе. Стојановски најави дека ќе поднесат амандмани на Буџетот за 2023 година за висината на оброкот, како и за реновирање на студентските домови. Пратениците од опозицијата го бараа и договорот што е постигнат со студентите.
ратеникот на опозицијата во својот говор го спомена претседателот на државата Стево Пендаровски, изјавувајќи дека висината на неговата плата е 90.000 денари. На ова реагираше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека со нивните плати не смее да се политизира.
Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови, како и досега со траење до март 2023 година. Со нив се предвидува сите студенти кои и досега земале студентски оброк и ги исполнуваат условите за тоа со сегашното решение, да продолжат да земаат 120 денари до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, што произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието. Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.
Во рамки на продолжението на 91. седницата Собранието ги донесе и Одлуката за именување на член на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Предлог-законот за изменување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Предлогот на закон за претворување на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитор во траен влог во Јавното претпријатие „Колекторски систем“.
Пратениците од дневниот ред на 73. седница го донесоа и Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад, по скратена постапка, додека во рамки на продолжението на 79. седница и Предлог – завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа