Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска ќе одржи седница на која ќе се разгледува Предлог-одлука за одржување надзорна расправа за спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство.
Иницијативата е поднесена од пратеничките Жаклина Пешевска и Моника Зајкова, со цел Собранието, преку својата надзорна функција, да добие појасна слика за тоа како надлежните институции ги применуваат постојните механизми за заштита и превенција.
Во Предлог-одлуката се нагласува дека семејното насилство и насилството врз жените не претставуваат само прашање на поединечна институционална реакција, туку одраз на функционирањето на целиот систем – вклучително и координацијата меѓу институциите, навременото постапување и достапноста на услугите за заштита.
Целта на надзорната расправа е да се обезбеди сеопфатен увид во институционалниот одговор, како и да се утврди дали постојните механизми овозможуваат ефикасна, координирана и навремена заштита на жртвите.
Според предлагачите, потребата од ваква расправа произлегува од неколку клучни аспекти. Пред сè, станува збор за прашање од висок јавен и општествен интерес, каде ефикасноста не се мери само преку законската рамка, туку преку нејзината практична примена и довербата на граѓаните во системот.
Дополнително, темата е тесно поврзана со еднаквите можности, бидејќи секоја институционална слабост – како недоволна координација, недостиг на ресурси или нееднаква примена на мерките – директно влијае врз заштитата на жртвите.
Надзорната расправа ќе овозможи прибирање информации и мислења од надлежните институции, со цел Собранието да донесе заклучоци и, доколку е потребно, да иницира подобрувања во законите, политиките и практиките.
Се очекува Комисијата, врз основа на добиените податоци, да изгради поцелосна слика за функционирањето на системот и да предложи конкретни препораки за негово унапредување.

