Собрание: Извештајот на ДЗР е уште една потврда за нашето успешно и транспарентно работење
Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2020 година е уште една потврда за успешното и транспарентно работење и менаџирање на Собранието, во согласност со законските прописи, велат од Собранието на Република Северна Македонија.
Во соопштението од Собранието се наведува дека Извештајот нотира оти финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти на финансиската состојба на Собранието.
– ДЗР посочува дека активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Со оглед на тоа што Извештајот на ДЗР дава мошне објективна и позитивна слика за работењето на Законодавниот дом, нагласуваме дека Собранието не даде никакви забелешки во однос на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеноста за 2020 година на СРСМ, се вели во соопштението.
Во врска со забелешката за тоа што Собранието не е запишано како носител на правото на трајно користење на недвижна објект во соодветните имотни листови во АКН, од Собранието информираат дека согласно член 18 став 1 од Законот за користење и располагање со објектите во државна сопственост и со објектите во општинска сопственост, Владата со одлука може времено или трајно да ги даде на користење, со или без надоместок на државни органи, на правни лица основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации.
Додаваат дека веќе се преземени соодветни активности и во постапка е запишување на правото на трајно користење на зградата и земјиштето под и околу зградата, за што и во ревизорскиот извештај ДЗР дава препорака да се продолжи со веќе отпочнатите активности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа