Со три милиони евра неповратен грант ќе бидат реконструирани 30 спортски сали

Со три милиони евра неповратен грант од Банката за развој при Советот на Европа ќе бидат реконструирани 30 спортски сали во основни и средни училишта и ќе биде набавена спортска опрема за 50 сали во основни училишта. Рокот за реализација на грантот за кој се наменети средствата е крајот на 2024 година.

Договорот за грантот денеска во МОН го потпишаа министерот за образование и наука Јетон Шаќири и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа Томас Бошек, а на потпишувањето присуствуваше и Стефан Худолин, претставник на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

-Голема благодарност на Банката за развој при Советот на Европа која ни ги обезбеди средствата за поддршка од земјите донатори Шведска, Норвешка, Австрија и Германија, како и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Нема обврска за враќање на средствата, така што проектот нема никакви фискални импликации врз буџетот на државата, а рокот за негова реализација е крајот на 2024 година. За нас како земја во развој со прилично ограничен буџет, овој износ е значајна поддршка и уверувам дека средствата правилно ќе бидат искористени во интерес на децата, рече Шаќири на потпишувањето на договорот.

Според претставникот на ЕУ во земјава, Худолин, пристапот до новиот грант ќе обезбеди инфраструктура која ќе биде поддршка за физичките вежби на децата и ќе овозможи тие да бидат повеќе активни во процесот на образованието.

Вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа Томас Бошек рече дека овој проект веќе обезбеди подобрување на образовната инфраструктура за повеќе од 100 000 ученици и нагласи дека зголемувањето на пристапот до образование, резултатите од него и растот на економијата се врвни приоритети на Банката.

Банката за развој при Советот на Европа досега во четири наврати, со два гранта и два заема, обезбеди средства за подобрување на условите во образовните установи во земјава.  Ова е трет грант неповратни средства, претходните два беа во вкупен износ од три милиони евра.

Во рамки на проектот, како што соопшти министерот, досега се изградени 97 училишни спортски сали, 30 се во градба, а во реконструкција се повеќе од сто училишни објекти.

Распределбата на средствата од грантот ќе биде согласно со анализата која ја направи МОН во изминатиот период и која покажала во кои училишта е најприоритетно да се вложи за да се обезбедат подобри услови за часови по спорт, како и за рекреација по завршување на наставата. Според МОН, средствата ќе бидат вложени во училишта и од урбани и од рурални средини. Шаќири истакна дека ќе нема приоретизирање на општини или училиште по ниеден друг основ освен по направен увид и проценка дека постојните спортски објекти и опремата бараат итна промена.

17.05.2022 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега