Снопче: Спасовски рече дека системот е одговорен за бегството на Мијалков, а тој е главен на системот
Причина за поднесување на интерпелацијата за минстерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски беше бегството на Сашо Мијалоков, кој вистина дека сега е во затвор, но ова не не попречува да дискутираме за интерпелацијата бидејќи има стотици скандали за кои е одговорно Министерството за внатрешни работи, изјави денеска на собраниската седница пратеникот на АА и Алтернатива Халил Снопче образложувајќи го барањето за смена на Спасовски. Прв човек во МВР, поред него, треба да биде некој што ќе се справи со притисоците и искушенијата.
-За бегството на Мијалков, го прашаа Спасовски дали чуствува одговорност, тој рече дека вината и одговорноста е кај системот. Сакаше да се амнестира себе си, заборавајќи дека е главен, одговорен на системот како министер за внатрешни работи и има директна вина, рече Снопче. Според него, се поставува прашањето кој го контролира системот, ако не функционира системот кој треба да сноси одговорност, нормално Владата и во конкретниот слулај МВР бидејќи не ја извршува работата како што треба.
Во оваа држава, како што кажа, има две спекталурани бегства, на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на Мијалков, кој сега е во затвор.
-Никој не верува дека овие бегства можат да се случат без логистичка поддршка на МВР, рече пратеникот, а Мијалков бега и доаѓа кога сака. Ова може да се случи само во една држава каде што, како што кажа Снопче, не функционираат државните институции. Од 2017 година има и други бегства, додаде тој, како на Игор Спасов, кој беше пронајден во Софија, и Никола Бошковски и Горан Грујовски. Според него, случајот со Мијалков е црна дамка и треба да се одговори на прашањата како се случи тоа, кој го поддржуваше во бегството, дали некој сноси одговорност. Во оваа држава никој не сноси одгворност, констатираше Снопче.
Според него, скандал било и давањето 214 државјанства и пасоши на криминалци и нарко дилери барани од Интерпол.
-Ова претставува голем удар за шенген системот, вели Снопче.
Од друга страна, има жители на државата кои немаат државјанства, а се третирале како опасност за државата.
Снопче потсети на обвинувањата дека информациите за пасошите произлегле од МВР.
-Ако има поддршка на организираниот криминал од структурите на МВР, од ова произлегува дека државата го организира криминалот. Како ќе се открие криминалот, кога службените лица во МВР се корумпирани, праша тој.
Снопче посочи, и како што рече, на нефункционирањето на интегритетот на службените лица во МВР.
-Имавме случаи на издавање на воачки дозволи на лица кои не положиле за возачка, изјави пратеникот.
Следниот скандал, според Снопче, е што 20.000 лица имаат ист матичен број, за што министерот треба да сноси одговоорност, најмалку морална.
Ја спомена агцијата во Грчец, каде, како што кажа, МВР апсела тинејџери, а вистинските нарко босови се шетаат слободно, а неколку гранични премини се споменувале во одредени извештаи а коишто се користеле за трговија со наркотици. Вработените добивале наредби, камерите се кисклулувале, поминувале камиони, а за тоа тие добивале награда и тоа било споделувано со локалните власти, а МВР не преземало мерки.
-Политиката има прст во овие криминални акти, рече Снопче.
Пратеникот на опозицијата на албанските партии во земјата укажа дека МВР штитела членови на ДУИ и оти не се преземаат мерки против нив, како што исто така не презел ништо за деполитизација во полицијата.
-Треба да дојде некој друг на ваше место, кој ќе се справи со притисоците и со искушенијата, рече Снопче.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ова е чудна интерпелација затоа што е поднесена заради успех во една акција, а не неуспех.
-Имено – Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани. Истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад. А сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина,претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна, рече Спасовски.
Според него, факт е дека ваквите случаи покажуваат одредени проблеми во функционирањето на системот, што се веќе детектирани и ќе се менуваат за да не ни се повторуваат во иднина, а и обвинителството води постапка за да утврди каква било одговорност.
Спасовски истакна дека е горд што од страна на ГРЕКО била препознаена и особено истакната позитивната транспарентност на МВР, кое ја имплементирала нивната Препорака бр. 11 за јавно објавување на буџетот на МВР, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност.
-Дали некому можеби му пречат позитивните и охрабрувачки оценки од ГРЕКО – тело задолжено за борба против корупцијата при Советот на Европа, во нивниот Извештај за нашата земја од Петтиот круг на евалуација, усвоен на 87. Пленарна седница на ГРЕКО, кои претставуваат уште една верификација дека се движиме по вистинскиот пат?! Дали оваа гтранспаретност некому пречи?, праша Спасовски.
Министерот соопшти дека за споредба, во периодот од 1 јануари 2021 до 15 април 2021 година регистрирани се 5.816 кривични дела и истите бележат тренд на намалување за 9,5% во споредба со истиот период минатата година. На пример, рече Спасовски, бројот на кражби е намален за 30 отсто, а бројот на тешки кражби за 22 отсто, одземањата на моторни возила за 28 отсто, а измамите за 37 отсто, посочи министерот Спасовски.
Објасни дека организациските единици во БЈБ активно постапуваат по седум оперативни акции, кои даваат видливи резултатите.
-Меѓу покрупните реализации би ја потенцирал кривичната пријава од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР до Основното јавно обвинителство Скопје против 36 лица, од кои осум вработени во МВР, поради основано сомнение дека издавале возачки дозволи на лица без положен возачки испит, како и против 28 граѓани, поради сомневање дека сториле поттикнување во извршување на наведените кривични дела, реча Спасовски.
Исто така, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, во соработка со Јавен обвинител од ОЈО Скопје, сузбија криминална група, чии членови- вработени во Управните служби на МВР, злоупотребувајќи ја службената положба, издавале македонски патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет. Пријавените овозможиле на вкупно 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден државјанин на Северна Македонија, да се стекнат со македонска патна исправа под туѓ идентитет“.
Осврнувајќи се на акциите за сузбивање на трговијата со дрога, тој кажа дека само од почетокот на годината до средината на април запленети се околу 850 кг дрога, а намален е и бројот на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%, сузбиени две криминални групи.
Како резултат на интензивираните активности и координираното водење на криминалистичките истражувања во борбата со недозволената трговија со дрога, во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година се остварени значајни резултати, при што беше сузбиена шестчлена криминална група, а беа спречени пет меѓународни транспорти на дрога, во чии рамки се запленети над 688 килограми марихуана. Во овој период, истакна Спасовски, се запленети околу 850 килограми наркотична дрога, при што значајно е зголемена заплената на марихуана, хашиш, амфетамин и синтетички таблети.
-На граничниот премин Богородица, при извршен претрес во товарно возило помеѓу легалната стока-отпадна хартија, пронајдени и одземени се 390 килограми марихуана, набавена од Косово, која требало да се транспортира до Турција. На патниот правец Росоман-Прилеп, во близина на с.Манастирец-Кавадарци, во патничко возило управувано од лице од струшко пронајдени се 180 килограми марихуана. Во близина на с.Селемли-Гевгелија запленети се 92 килограми марихуана. Меѓу позначајните реализации се и разбиената мрежа на улични дилери и препродавачи на дрога на подрачјето на Прилеп, за што мерки на кривичен прогон се преземени против четири лица од Прилеп. Во април 2021 година беше сузбиена и шестчлена криминална група на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец, при што беа запленети 200 килограми марухуана. Веднаш по моето враќање во МВР, уште во септември минатата година, беа запленети над 400 килограми дрога, беа сузбиени и две организирани криминални групи, во кои дејствувале 12 членови, спречени беа три меѓународни транспорти на дрога…, рече Спасовски.
Во делот на интензивните активности за спречување на илегалната миграција и сузбивањето на криумчарење мигранти, Спасовски рече дека се засилени контролите на терен со поставување на контролни пунктови, полициски службеници и мото патроли, со цел намалување на бројот на мигранти кои транзитираат низ нашата држава.
-Интензивните активности резултираа со намален број на обиди за илегални преминувања за повеќе од 30%. Притоа, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со моето повторно враќање во МВР минатата година, беа детектирани и сузбиени две криминални групи составени од 18 членови, кои во период од десет месеци нелегално пренеле околу 250 мигранти со потекло од Блискиот Исток од Р. Грција на територијата на Северна Македонија, рече тој.
По неговото враќање во МВР стартувашла оперативната акција „Бегалец”, а уапсени над 400 криминалци барани по централна или меѓународна потерница.
-Кон зголемување на безбедноста на сите наши граѓани, како наш врвен приоритет, продолживме и преку интензивните активности за приведување на криминалци барани по меѓународна и централна потерница. Притоа, од септември до сега по разни основи 405 лица се лишени од слобода и спроведени во затворите за отслужување или доотслужување на затворската казна. Од нив, 67 се приведени во странство, а 338 во Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски.
Седницата за интерпелацијата на Спаосвки ја напушти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници не беа ставени на листата за обраќање поради задоцнето доставување до претседателот на Собранието. Своја листа не достави ниту СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа