Тројца алпинисти, меѓу нив и еден странец, загинале, а уште осуммина се водат како исчезнати откако лавина ги погодила додека се искачувале на хималајскиот врв Јалунг Ри Химал во Непал, соопшти локалната полиција.
Несреќата се случила на надморска височина од 5.630 метри, на планината која се наоѓа во округот Долакха, североисточно од Катманду. Полицискиот службеник Џан Кумар Махато изјавил дека меѓу исчезнатите има петмина странски државјани, но засега не е познато од кои земји потекнуваат.
Четворица повредени членови на експедицијата биле пренесени во блиското село, додека потрагата по останатите и понатаму трае, со помош на хеликоптери, додал Махато.
– „На терен испративме и спасувачки тимови од војската и полицијата и го следиме понатамошниот развој на ситуацијата,“ изјави тој.
Планината Јалунг Ри се наоѓа во долината Ролвалинг, во североисточниот дел на Непал, каде алпинистите се соочуваат со исклучително тешки услови за искачување што вклучуваат стрмни карпи, мраз и снег.

