„Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, со јасна подготвеност за справување со сите предизвици што произлегуваат од надворешните ризици“, истакна гувернерот д-р Трајко Славески во интервју за емисијата „Трилинг“. Тој посочи дека институцијата внимателно ги следи економските движења, особено во услови на зголемена светска неизвесност и засилени ризици од надворешното окружување.

Како главен предизвик го издвои неизвесното геополитичко опкружување и неговото потенцијално влијание врз економијата. Енергетските шокови веќе се одразуваат врз цените, особено кај нафтените деривати, со постепено прелевање и во останатите сектори, што создава ризици за инфлацијата.

Во вакви услови, Народната банка води претпазлива и внимателна монетарна политика, со постојано следење на состојбите и подготвеност за навремена реакција доколку се појават дополнителни инфлациски притисоци или други нарушувања.

Гувернерот посочи дека иако претходно постоеле услови за постепена нормализација, особено со оглед на намалувањето на инфлацијата којашто во февруари се спушти на 2,9%, новите светски ризици наметнуваат повнимателен пристап и будност во водењето на политиките.

Банкарскиот систем и натаму е стабилен и отпорен, со високо ниво на капитална адекватност, ликвидност и профитабилност. Довербата на граѓаните и компаниите се потврдува преку постојаниот раст на депозитите, дури и во услови на зголемена неизвесност.

Истовремено, стабилноста на домашната валута и солидното ниво на девизните резерви обезбедуваат дополнителна сигурност и можност за интервенција доколку е потребно.

Exit mobile version