Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот во Белград очекуваат најсилен раст на бројот на патници во регионот во текот на претстојната зимска сезона.

Ова зголемување е директен резултат на значителното проширување на мрежата на авиокомпанијата „Визер“.

Според објавениот зимски ред на летање, кој е во сила до 28 март, аеродромот во Скопје предвидува раст од околу 548 илјади патници, а оној во Белград 518 илјади повеќе патници во однос на ланската сезона.

Информациите ги објави специјализираниот портал „Екс-ју авиејшн“, кој нотира дека речиси сите аеродроми во поранешна Југославија го зголемуваат капацитетот.

Така, Загреб се позиционира на третото место со очекуван раст од 176 илјади патници, а Сараево очекува 113 илјади патници повеќе. Раст бележат и Тузла, Љубљана и Ниш.

Охридскиот аеродром исто така очекува зголемување, со проекција за 24 илјади дополнителни патници.

Вкупно, на пазарите во поранешна Југославија оваа зима се нудат 13.165.258 седишта на редовни летови.

Најпопуларни дестинации кон кои се насочени авиооператорите се аеродромот во Истанбул (473.568 патници) и Цирих (414.502 патници), по што следува и вториот аеродром во Истанбул, „Сабиха Гокчен“ (342.704).

Во текот на сезоната, од аеродромите во региот ќе бидат воведени и 26 нови рути.

Exit mobile version